Во Македонија се произведува и се консумира здрава храна и не е голем процентот на штетни емисии во воздухот и во почвата во споредба со соседните земји. Трендот со органското производство, пак, ја зголемува довербата кај потрошувачите за набавка на безбедни производи од животинско и растително потекло. Сепак, компаниите кои се занимаваат со производство на храна треба да посветат поголемо внимание на исполнувањето на одредени стандарди за чување на квалитетот на храната, со што ќе ја зголемат и конкурентноста.

Ова, меѓу другото, беше констатирано на вчерашниот настан во организација на Зонел Софтвер, Стопанската комора на северозападна Македонија, СКСЗМ, и ЦС Констан посветен на стандардите и исправниот режим на чување и на манипулација на храната, како клуч за безбедност на храната.

Според Фатмир Битиќи, извршен директор на СКСЗМ, обуките претставуваат нов сегмент во работењето, со цел да се види колку компаниите се подготвени да бидат конкурентни, имајќи го предвид квалитетот на храна што го нудат.

Гоце Џуровски од „Зонел Софтвер“ појасни дека нивното софтверско решение што им се нуди на компаниите, претставува мониторирање на температурата и на релативна влажност на операторите кои работат со храна и кои можат да наидат на проблеми, како што е расипувањето и неодржувањето на нивото на квалитетот на храната.

„Ова целосно им ги решава сите потреби во согласност со законите, а посебно во однос на ХАСАП-стандардот. Дневникот на температури кои треба да се мери, автоматски ќе се пополнува. Меѓутоа, ова решение овозможува и целосна анализа на она што се работи, во однос на температурата за производот, но ќе се алармира во случај на надминување на одредени вредности“, истакна Џуровски.

Инаку, нехигиенските услуги во производството, немањето на декларации и непочитувањето на стандардите се најчестите поплаки што потрошувачите ги доставуваат до Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Го презентиравме стандардот за квалитет на храната кај малите и средните производители за храна, што е присутен во Баварија, но наоѓа примена и на Балканот. Со овој стандард производителите на храна во регионот имаат можност да добијат полесен пристап до пазарите во ЕУ“, истакна Жан Станоевски од компанијата „Констант“.

Според професорот Мишо Христовски од Факултетот за ветеринарна медицина, во Македонија нема многу штетни емисии, но сепак се произведува здрава храна.

„Трендот со органското производство ја зголемува довербата кај потрошувачите кои сакаат да обезбедат сигурни производи од животинско и од растително потекло. Ценам дека во Македонија има безбедна храна, за разлика од некои наши соседи, како што се Косово и Бугарија“, рече Христовски и порача дека граѓаните можат да им веруваат на институциите и на производителите за безбедноста на храната.

Настанот во Медиумите: Вечер, Утрински Весник, Репортер, Plusinfo.mk, МИА